Струшката фонтана на животот

Се движиме по струшката чаршија престорени во јагули. Го бараме изгубеното детство, некаков прочистен рајски сон што некој од нас некогаш го сонувал, коњот во шепурката, намовнувањето на животот. Наместо тоа ја наоѓаме старата фонтана од која после години блика свежа вода. Се собираме околу чешмата и гледаме маѓепсани во водата, очите ни светат. Некој наивен туѓинец кој чека позади нас за да се напие вода не прашува со што сме ги полнеле празнините до сега, па се чудиме на толку секојдневни нешта? Со слама, му одговара некој нервозно и непријателски, со страници од учебниците по историја, со пломбирани надежи, со бекатон и изборни плакати, ко и сите, ебате простиот. Сите потврдуваме и го оставаме странецот збунет и освежени продолжуваме надолу. А таму стандардна грешка на реалноста: лов на препарирани мечки, бели гипсени лебеди, неонски излози и Рамиз Мерко, ко заебан глич на Роко Скварцоне во рококо фотелја, пука во празно, во небо, ама со усул, традиционално, па потоа, бетонирана река, езеро без брег, прашливо минато без иднина, а потоа, во единственото прибежиште на лудите: чудесни тревки, пис корпс падобранци, патриоти на плин, супер херои на клин, платеници, предавници, шпиони, тазе самопрогласени светци, поданици, ГМО, екрани, екрани, екрани и еден куп ѓубре…Како да се преживее оваа ноќ?

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.