Kако се жареше Силјан

никогаш не ќе дочека да влезе, ќе умре тука како жеден бедник, на средината од својот живот земен, ќе го пишува по весници, 30 годишен, невработен, умре од дехидрација во исчекување на работно интервју, ќе звучи ко пара вест, никој нема да ја клика од што е досадна, и така ги читаат само насловите, неговата смрт, неговата скапоцена смрт пуштена по јамата на баналното, ќе се смеат, колку дена ќе стои во агрегатор за вести, еден ден, помалку… наеднаш кваката се мрда, вратата се отвора, СПРЕМНИ СЕ ЗА НЕГО. СПРЕМНИ СЕ ТИЕ, СПРЕМЕН Е И ТОЈ! или барем тоа малку што остана од него, што не се истопи на неудобната фотелја која го туркаше да си замине, спремен е да, да прсне на илјада парчиња, тука и сега, добар е да, благодари, не, не сака вода, устата му се лепи како да џвакал туткал, ама не сака вода, вистински сака агонијата да му заврши
почнува: лојален е, ефикасен е, вреден е, што не знае, ќе научи брзо и исто така ефикасно, спремен е за предизвици, би работел и сабота и недела и осми ден ќе работи ако го измислат, накусо кога и да им треба НИВ, леле, кога и да им треба, се продава на пазар ко кило компири, доволно му е се, ги прифаќа условите без да ги чуе, доволна му е платата, доволно му е што воопшто стои пред нив господа, се разбира, мласка со устата, па срамежливо изустува: платата му е доволна само за почеток, потоа би сакал да му биде поголема, но тоа повеќе звучи како издишка, како некаков чуден свиреж од недооформен глас, не е сигурен, се грчи, се фаќа во вилицата која му крцка бидејќи јасно му е колку ќе зема додека не избере да замине од таму или додека не му акнат клоца во газ, ако го примат , ако го примат, да, да, не дека очекува…

но никој и онака не му ги слуша издишките и мрморот, прашање е дали некој воопшто го слуша, бидејќи од тимот што го испитува, никој не го гледа во очи, сите се џарат некаде на своја страна кога наеднаш
каде се гледа Силјан во иднината? гром од ведро небо, во иднината, во иднина се гледа свиен ко фетус во мајчина утроба, вратен наназад, турнат од грдиот валкан прст на светот, се гледа зараснат наназад ко мозолче во домот што му се распаѓа, или пак можеби на Марс, како волонтер, ко кутрата Лајка и тој како помочан лабораториски глушец, или пак уште подобро – е таму најјасно се гледа – како скапува три метри под земја, конечно еднаков со еднаквите, но да не претеруваме, денот е сончев, не, тој во иднина се гледа на висока функција, баш како нив господата, па штама, па потсмев и погледи, па како тоа како? па така, па што дека аплицира за позиција за црви, па што дека нема кон што да напредува, па животот е чуден, па од тињата на времето може да излезе свашта, од што? од тињата! од што, што? од тињата на времето! па одеднаш чудни погледи, па превртување очи, иронични насмевки, но зошто? па има разни примери низ историјата, како тоа како, па што треба да им одговори, се колне, ја кажува вистината. во ред, во ред, во ред, во ред, во ред, во ред, тој понизно благодари, а го проверува мејлот секој ден, и од никаде наеднаш чекор, два, во ред, три ѝ тие му ја треска вратата пред фаца.

сега патиките му се лепат за скопскиот бетон на булеварот, автобус запира на семафор и тоне во асфалтот, неколку кучиња легачат во тревата, мирис на опожарен пустош, на напуштена пустелија во која останале само машините, друг автобус кочи, градот бавно се топи пред неговите очи, со последни сили од најблиското тобако купува вода – половина ја пие, половина ја истура врз себе, испарува во мигот, нема пари за автобус, нема каде се сокрие, ако добро провери, ќе најде дека се нема ни себе си, но човек како човек, секогаш ќе најде сили да се довлече до дома, па така и Силјан, еве го се лепи и одлепува, ко таличен том вжарен цапа кон запад, во правец на сонцето кое штотуку експлодираше…

Напишете коментар

Blog at WordPress.com.